Заев: Од 1 јули стартува мерката „Мој ДДВ“ за враќање на 15 од ДДВ на граѓаните зашто зборот важи  

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата и доставен на усвојување во Собранието.

Со овој предлог закон, кој се очекува да се применува од 1 јули, започнува реализацијата на проектот „Мој ДДВ“, еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата.

-Преку мерката „Мој ДДВ“, граѓаните на нашата земја, заедно со финансиските институции, ќе остварат две главни цели: Првата цел е да се вратат пари кај граѓаните, а втората цел е да учествуваат во намалувањето на сивата економија и во елиминацијата на даночното затајување. Благодарение не оваа мерка едно четиричлено семејство ќе може да си врати на сметка до 28 илјади и 800 денари годишно во семејниот буџет. Нешто повеќе од една просечна плата во нашата земја, односно плата плус за секое семејство“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата, и потсети дека парите кај граѓаните започнаа да се враќаат со укинувањето на радиодифузната такса, со враќањето на евтината тарифа на струјата, како и со мерките за раст на минималната и на просечната плата, и со зголемувањето социјалната помош за речиси 300 отсто.

„Сега, време е за нова голема ставка во домашниот буџет. Време е за МОЈ ДДВ. Зборот е збор, и зборот важи. Ги враќаме парите кај граѓаните и кај компаниите и продолжуваме во таа насока“, рече Претседателот на Владата на РСМ Заев на прес конференцијата по повод Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните.

Оваа можност за поврат на дел од ДДВ-то ќе биде достапна за сите граѓани на Република Северна Македонија кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП, и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон.

На прес конференцијата во Владата на РСМ денеска беше презентирана и апликацијата “Мој ДДВ” којашто граѓаните ќе ја користат од 1 јули, и со која ќе се скенираат валидните фискални сметки. Апликацијата низ 5 едноставни чекори ќе биде алатката преку која граѓаните сега за прв пат ќе се стекнат со можност да вратат дел од ДДВ-то, и на тој начин да станат партнери во борбата против сивата економија.

 

Треба да знаете
Последни објави