Тевдовски за „Мој ДДВ“: Борбата за подобра економија и праведен економски раст од кој бенефит ќе имаат сите граѓани, продолжува

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа прес конференција на која Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска не прес конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата.

 

Во продолжение на ова соопштение обраќањето на министерот за финансии Драган Тевдовски ви го пренесуваме во целост:

 

Ја реализираме мерката 15% од платениот ДДВ кај граѓаните! Министерството за финансии и Управата за јавни приходи посветено работеа на реализација на обврската пред граѓаните содржана во Владината програма – повратот на 15% од платениот ДДВ кон граѓаните. На сите вклучени им благодарам за посветеноста на овој процес.

Данокот е она што граѓаните го вложуваат во државата. Тој се враќа преку јавното образование, јавното здравство, инфраструктурата, преку градинките, парковите, центрите за социјална заштита… Сега за прв пат од вашиот платен ДДВ, 15% ќе ви бидат вратени на сметката, како заштеда.

 

Мерката има 2 главни цели:

  1. Поврат на 15% од платениот ДДВ кон граѓаните, како што е ветено и
  2. Намалување на сивата економија. Граѓаните ќе бидат инспектори и ќе ни помогнат за намалување на неформалната економија со барање на фискални сметки. За прв пат 15% од платениот ДДВ ќе им биде вратен на нивните сметки.

Ние го завршивме законскиот дел и направивме механизми со кои ќе се врши повратот. За да можат граѓаните да го користат важно е да одговориме неколку клучни прашања.

 

Кој ќе има право да ја користи оваа можност?

Сите граѓани постари од 15 години со валидна лична карта или пасош, издадени од надлежен орган на РСМ. Треба да бидете регистрирани на електронскиот систем на УЈП за физички лица и да имате трансакциска сметка на сопствено име.

Како ќе се прави повратот?

Преку скенирање на бар кодовите на фискалните сметки, со мобилни телефони, со користење на посебна апликација, развиена од Управата за јавни приходи. Скенирањето треба да се направи најмногу во рок од 10 дена од датумот на издавање на сметката. Ова е најлесниот начин да ја користите можноста, со цел да не чекате редови и да немате застој во скенирањето. Секако за ранливите групи ќе бидат обезбедени и алтернативни начини. Имајте предвид дека ова е можност достапна за сите граѓани над 15 години и дека станува збор за најобемната мерка преземена кога и да е од МФ и УЈП. Доколку граѓаните немаат можност сами да се регистрираат и да симнат апликација, од еден уред може да се користат повеќе профили, па затоа појдете прво кај најблиските кои би можеле да ви помогнат.

Од кога почнува повратот?

Од почеток на јули 2019; Првата исплата ќе биде во декември 2019. Парите ќе бидат префрлени директно на сметка на граѓаните. Потоа, исплата ќе се врши секој февруари/мај/август/ноември, за изминатите три месеци.

Колку пари се враќаат кај граѓаните?

Доколку граѓаните ги бараат сите сметки, очекуваме дека ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно. Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1800 денари за три месеци; За четиричлено домаќинство, враќањето на ДДВ ќе изнесува најмногу 28.800 денари годишно;

Кои се условите за користење на можноста?

Поврат на овој начин се врши само за граѓаните, а не и за претпријатијата. Важи само за ДДВ содржан во фискални сметки, не и за ДДВ од фактури и сметки со сметко-потврда; Може да се користи само за фискална сметка до износ од 30.000 денари; Не важи за сторнирани фискални сметки.

Ви благодарам што сте денеска тука. Успешноста на мерката зависи и од пренесувањето на информациите до граѓаните, а вие сте нивните очи и уши. Би сакал да истакнам дека како Министерство за финансии посветено ја реализираме Владината програмата:

– од поддршка за повисока минимална плата и гарантиран минимален доход, до поддршка за раст на платите;

– имаме одлични резултати од воведувањето на праведно оданочување;

– и сега, го реализираме повратот на 15% од ДДВ кон граѓаните!

Борбата за подобра економија и праведен економски раст од кој бенефит ќе имаат сите граѓани, продолжува!

Треба да знаете
Последни објави