Европска компанија има намера да превезува патници во проблематични боинг авиони

Иако компанијата „Боинг“ долго време имаше проблем со продажбата на проблематичниот модел 737, се чини дека неделава среќата и се насмевна. Во вторникот, авиокомпанија International Airlines Group (ИАГ) најави дека планира да купи 200 авиони „737 макс“, информира Си-ен-ен.

Компанијата ИАГ, во чија сопственост се „Аер Лингус“, „Бритиш ервејс“, „Иберија“ и други европски превозници, својата намера да набави модели „боинг 737“ ја објави на саемот за авијација во Париз. И покрај тоа што компанија користи авиони од „Боинг“, досега поголемиот дел од патничите авиони набавуваше од конкурентската компанија „Ербас“.

Авионите „737 макс“ беа приземјени низ целиот свет кон средината на март, по трагичните авионски несреќи во Етиопија и Индонезија, кога вкупно загинаа 346 патници и членови на екипажот.

Во двете несреќи, автоматизираниот систем Maneuvering Characteristics Augmentation System (MCAS) неправилно ги исчитувал податоците за издигнување, односно автоматски го спуштал носот на авионот, оневозмужувајќи им на пилотите мануелно да го решат проблемот и да воспостават контрола над леталото.

Иако „Боинг“ неодамна објави дека веќе има стабилно софтверско решение за проблематичните модели, сепак сè уште не е познато кога повторно тие ќе добијат дозвола за летање.

„Ние имаме доверба во ‘Боинг’ и очекуваме дека овие авиони успешно ќе се вратат во служба во следните неколку месеци“, изјавил Вили Волш, извршен директор на ИАГ.

Треба да знаете
Последни објави