Поларна мечка дојде во град да најде храна

Изгладнета поларна мечка залута илјадници милји од своето природно живеалиште во Арктикот во рускиот индустриски град Норилск во северниот дел на Сибир.

Видливо слабата и болна мечка лежеше на земја неколку часа откако помина долг пат во потрага по храна. Нејзините шепи беа покриени со кал и повремено се креваше обидувајќи се да намириса храна.

Според локалните жители, ова е првата поларна мечка видена во градот по повеќе од 40 години.

„Сѐ уште кружи околу фабриките, а полицијата и другите надлежни служби се наоѓаат на самото место“, изјави Александер Коробкин, претставник за заштита на животната средина, според британски „Гардијан”.

Тим од експерти ќе пристигне во градот денес за да го испита животното и да одлучи за неговата судбина.

Глобалното затоплување и климатските промени ги уништија ледените површини населени со поларни мечки, а животните се принудени да бараат храна на копно, доаѓајќи во близок контакт со луѓето во населените места.

Треба да знаете
Последни објави