Амбасадорот на Србија во Подгорица, Зоран Бингулац, повикан е денеска на разговор во Министерството за надворешни работи на Црна Гора „поради континуираните, негативни изјави на српските државни и други официјални лица за внатрешните прашања на Црна Гора, кои кулминираа со изјавата на членот на српската Влада, министерот за иновации и технолошки развој, Ненад Поповиќ”.
Државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Црна Гора, Зоран Јанковиќ, ги оцени како „загрижувачки” и „несоодветни” изјавите на министерот Поповиќ и очекува дека Белград „ќе се огради” од нив.
-Тешките квалификации изнесени на сметка на претседателот на Црна Гора се неприфатливи, не се на линија на добрососедските односи и не придонесуваат за целокупната соработка на двете земји, му кажал Јанковиќ на српскиот амбасадор.
Како што се додава, Јанковиќ ја „оценил за непримерена интензивната и негативна кампања која неоправдано и без аргументи се води во Србија” по повод предлог-законот за слобода на вероисповед „или потврдата за правниот статус на верските заедници во Црна Гора”.
Министерот без ресор во Владата на Србија, Ненад Поповиќ, задолжен за иновации и технолошки развој, изјави вчера за ТВ Пинк дека претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, е „најголемиот криминалец во Европа”, а црногорските власти ги оцени како „непријатели на Србија.”
Предлог-законот за слобода на вероисповед, усвоен од страна на црногорската Влада, ги затегна односите меѓу Србија и Црна Гора.
Со него се предвидува дека сите верски заедници во Црна Гора мора да докажат дека пред 1918 година биле сопственици на црковната сопственост, во спротивно истите ќе им бидат одземени и ќе се третираат како државна сопственост, што предизвика остри несогласувања на Црногорско-приморската митрополија на СПЦ.
Покрај Српската православна црква, на новиот Закон за вероисповед реагираа и српските власти. Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе побара преку Венецијанската комисија таквиот предлог да не се усвои бидејќи, како што рече, неговото усвојување „неизбежно ќе ги загрози добрите односи на двете држави”, на што црногорската Влада одговори „дека не дозволува никому да влијае на нејзините одлуки”.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, вчера коментирајќи го неодамнешното обвинение на патријархот на СПЦ Иринеј, дека „со овој Закон се атакува на црковниот имот на СПЦ”, оцени дека Српската православна црква со своите четири епархии во Црна Гора ја обележува територијата на „големата Србија”.