Решенија за исплата на средства за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија додели денеска министерот за економија Крешник Бектеши на претставници на компаниите кои аплицирале на јавниот оглас за субвенции.
Согласно Програмата за конкурентност, иновативност и претприемништво од 2017 година, Бектеши информира дека се предвидени 21 милион денари со што ќе ги финансираат трошоците за набавка на опрема, алати, машини и инструменти за 87 микро, мали и средни претпријатија, со не повеќе од 300.000 денари за компанија.
Додаде дека со оваа мерка компаниите ќе станат попродуктивни, поконкурентни, но истовремено ќе имаат можност да вработуваат повеќе луѓе.
– Што се однесува до Програмата, освен поддршката за микро, малите и средните претпријатија за набавка на опрема имаме и други мерки за што огласите се веќе објавени, како што се: компаниите да се сертифицираат со Халал систем, ИСО стандарди, да користат средства од страна на економија за да организираат тренинзи во склоп на нивните компании, но истовремено да учествуваат на меѓународни и домашни саеми каде ќе имаат можност да ги промовираат нивните производи, рече Бектеши.
Тој информира дека од 2017 до денеска кофинансирале трошоци на повеќе од 250 компании, само од оваа мерка, а, како што рече, ако ги земеме предвид сите мерки, но и мерките што се реализираат од страна на другите институции тоа покажува дека навистина сме посветени да ги зајакнеме капацитетите на микро, малите и средните претпријатија во нашата држава.