Запирање на одливот на млади здравствени работници, во фокусот на Здравствената мрежа на ЈИЕ

Пленарен состанок на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа за работната сила во здравството во регионот на ЈИЕ, се одржува денеска и утре во Министерството за надворешни работи во рамки на овогодинешното претседавање на државава, а во координација со Извршниот Комитет и Секретаријатот на оваа регионална организација. соопшти владината прес- служба.

Главна тема покрај редовните активности на оваа регионална иницијатива е и една од најголемите предизвици во регионот, а тоа е спречување на процесот на заминување на младата работоспособна сила од областа на медицината.

Од минатата година, Здравствената мрежа на ЈИЕ ја фокусира својата работа на постигнувањето универзална здравствена покриеност за секого и насекаде во регионот на Југоисточна Европа. Еден од чекорите беше организирање министерскиот состанок во Израел за „Обезбедување примарна здравствена заштита за населението кое старее”. Состанокот ја истакна важноста на примарната здравствена заштита за да се постигнат заедничките цели за 21-ви век.

Министерот за здравство Венко Филипче во своето поздравно обраќање на 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на ЈИЕ истакна дека системот за примарна здравствена заштита (ПЗЗ) е камен-темелник на нашите здравствени системи и обезбедува грижа насочена кон луѓето во насока на справување со зголемената појавата на хронични болести, незаразни болести, ментално здравје и мулти-морбидитет.

– Горд сум што можам да напоменам дека и на национално ниво и во текот на минатата година ја унапредувавме ПЗЗ како суштински столб за одржливи и издржливи здравствени системи и од клучно значење за здравствената безбедност и подготвеноста за итни случаи. Во февруари 2019, заедно со Светската здравствена организација го организиравме Националниот форум за здравство „За поздрав живот: патот до квалитетна и ефикасна примарна здравствена заштита во Република Северна Македонија”. Нашата држава е првата земја во светот која го зајакнува системот на спроведување на примарната здравствена заштита, врз основа на Декларацијата од Астана која беше усвоена во октомври 2018 година, рече министерот Филипче.

Потенцираше дека преку вработувања, зголемувања на платите, едукации и грижа за здравствениот кадар, ќе се задржат лекарите да останат во државата и работат во јавното здравство, а со тоа да се намали одливот на работната сила.

– Во изминативе две години, повеќе од 3.200 согласности се дадени за вработување во јавното здравство. Во 2018 година, за пет отсто ги зголемивме платите на здравствените работници. Оваа година, зголемени се за дополнителни пет отсто за медицинските сестри и 10 отсто за докторите специјалисти. Во септември 2019 година, следува зголемување од пет отсто и за останатите здравствени работници, посочи министетот Филипче и додаде дека зголемени се коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа.

Приватните специјализанти за првпат се платени за својата работа во висина од просечна плата на општ лекар. Додека пак, со промената на Законот за здравствена заштита, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавното здравство. Секој лекар кој ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа, ќе се вклучи во системот на здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега, стои во соопштението.

Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски ја потврди активната улога на Република Северна Македонија во овогодинешното претседавање со оваа мошне активна и влијателна регионална иницијатива, која е единствена од овој профил во делот на Југоисточна Европа.

– Темата за здравствените политики и изнаоѓањето на заеднички решенија и мотиви за унапредување на севкупниот простор од областа која е дел од многуте повелби и декларации, тргнувајќи од ООН преку ЕУ и други најголеми светски организации е една од највлијателните и клучни елементи кои во последно време заземаат се повеќе интерес од сите граѓани во нашите држави, рече заменикот-министер Жерновски.

Според него, особено радува фактот што во изминативе години токму здравствената мрежа на ЈИЕ и нејзиниот Секретаријат мотивираа и развија огромен број на инструменти преку кои се разви широка свесност за специфични проблематики од здравствените политики, како во примерот на работилницата од Молдавија, организирана во соработка со ТАЕКС во мај годинава.

Жерновски потсети и на заедничката изјава во рамки на 72. Парламентарна сесија на Светската здравствена организација каде државите од регионот на ЈИЕ ги потврдија своите аспирации за интегративна здравствена политика и заеднички чекори кон достигнување на целите од Агендата 2030 – на ООН.

Потенцираше дека единствено со заеднички мотивирања и обезбедување на подобри услови за работа и просперитет на сите одлични кадри ќе се намали одливот на млади здравствени работници. Единствено со свесно прифаќање на овој проблем и пристап во кои јасно ќе се поддржат најдобрите примери во линија да останат во своите држави е можеби најблиско решение за надминување на оваа широка и опасна болест на модерните токови во нашиот Балкан.

Состанокот е во рамки на овогодинешното македонско претседавање (јули 2018 – јуни 2019) со Здравствената мрежа на ЈИЕ

Треба да знаете
Последни објави