Албанскиот претседател Илир Мета реагираше во врска со актуелната политичка ситуација во земјата порачувајќи дека не е време за докажување на сила и поттикнување реторика на поделби, туку „политиката треба да направи пресврт заради националните интереси”.
– Во никој случај не е момент за докажување на сила, на реторика на поделба и провокации, туку на одмереност, претпазливост и голема одговорност за националните интереси на земјата и продолжување на европската интеграција, која е национална цел на сите Албанци. Повторно инсистирам на важноста на дијалогот меѓу партиите и истовремено ја изразувам мојата подготвеност да придонесам за побрзо решение, порача Мета.
Тој додава дека поминале десет дена од откако е во сила уредбата донесена од претседателот на Републиката за одложување на датумот на изборите – 30 јуни.
– Повторувам дека тоа го сторив врз основа на моите уставни надлежности а се со цел да се смири ситуацијата и да се создадат можности за дијалог со кој би се нормализирала политичката ситуација и би се создале можности за нов датум за локални избори кои ќе бидат сеопфатни и демократски избори, нагласува Мета.
Претходно албанскиот премиер Еди Рама од собраниската говорница на денешата пленарна седница го обвини претседателот Илир Мета за неговите постапки, велејќи дека „долева бензин на оганот” и му порача дека и покрај се избори на 30 јуни ќе се одржат.