Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска учествува на Innostart форумот, што се одржува во Софија.
На панел сесијата „Градење на иновативни екосистеми во Југоисточна Европа: политики, поддршка и претприемништво”, обраќања имаа министерот Манчевски, бугарскиот министер за транспорт и комуникации Росен Желиасков и министерот за иновации и технолошки развој на Србија, Ненад Поповиќ.
Манчевски се осврнал на мерките и активностите кои ги превзема Владата и МИОА, во контекст на дигитализација, како и за поддршката за развој на иновативни бизнис.
– Дигиталната трансформација и економија се високо на агендата на нашата Влада, и на наше големо задоволство и на агендата на ЕУ. Подобрувањето на стандардот на сите граѓани и на натамошната макроекономска стабилност и структурните реформи во контекст на Програмите за економски реформи, се заедничка цел на сите земји. Среќен сум што сите тука сме свесни за придобивките и го користиме овој поволен период. Но, секако може уште многу да се направи. Ние, како Влада, сметаме дека еден од моторите на дигиталната трансформација се ИКТ компаниите. Активностите за дигитализација бараат партнерски однос на владата и компаниите, но нивното спроведување бара и големи финансиски средства, истакнал министерот Манчевски, соопштија од МИОА.
Манчевски ја претставил и идејата за Научно-технолошкиот парк во Скопје, на чија имплементација се работи во моментов.
– Пред неколку месеци го отворивме бизнис акцелераторот и го најавивме првиот Научно-технолошкиот парк, во Скопје. Целта е технолошкиот парк да претставува слободна зона-заеднички простор кој ќе ги охрабри студентите, професорите и бизнисите да се поврзат и комуницираат, да споделуваат идеи, искуства, знаења. Се надевам дека заедно ќе напишеме една успешна приказна. Да најдеме начин и да направиме не само да започне со работа, туку и да опстои. Да не биде само обично место, локација за бизниси. Да биде средина која поддржува и зближува, воспоставува партнерски однос и заеднички расте, појаснил министерот Манчевски.
На панел сесијата, стои во соопштението, со видео повик се обратила и еврокомесарката за дигитална економија и општество, Мариа Габриел, која изразила поддршка за напорите на регионот, со помош на дигитализацијата да биде поблску до Европската Унија.
Форумот Inostart е организиран од Американската стопанска комора во Бугарија и Израел, со поддршка на Амбасадата на САД и Амбасадата на Израел во Софија.
Еднодневниот форум на едно мести собира високи владини претставници и меѓународни претпријатија од Израел, САД и од регионот, за да разговараат за најдобрите практики за градење на одржлив старт-ап екосистем и иновативна заедница.