Поранешниот шеф на Интерпол, Менг Хонгвеј, се изјасни за виновен на денешното судење, откако кинеските власти го обвинија за прифаќање на мито во вредност од 2,11 милиони евра, објавија тамошните државни медиуми.
Минатиот октомври, Интерпол, глобалната агенција за координација на полицијата со седиште во Франција, објави дека Менг поднел оставка од функцијата претседател неколку дена откако неговата сопруга го пријавила неговото исчезнување, кога заминал на пат кон својата родна земја – Кина.
Во март, владејачката Комунистичка партија објави дека истрагата за Менг покажала дека тој трошел огромни суми на државни пари, ја злоупотребувал позицијата и одбивал да ги следи партиските одлуки.
„Менг Хонгвеј се изјасни за виновен и изрази жалење во судот“, објави по сослушувањето, официјалниот весник People’s Daily.
Весникот додава дека неговите наводни злосторства биле извршени на различни позиции, вклучувајќи ја и функцијата заменик министер за јавна безбедност и шеф на кинеската крајбрежна стража во 2005 година.
Судот во северниот град Тијанџин официјалната пресуда ќе ја објави подоцна.
Не е јасно кој е адвокат на Менг и новинарите не биле во можност да контактираат со него или со друг законски застапник за коментар. Кинеските судови се цврсто контролирани од страна на Комунистичката партија и речиси е сигурно дека Хонгвеј ќе биде прогласен за виновен.
Неговата сопруга, која доби азил во Франција, изјави дека наводите против него се политички мотивирани.