Членувањето на нашата земја во НАТО-пактот никако не ја зголемува нејзината безбедност, туку единствено ги зголемува средствата потрошени на милитаризам од буџетот. Додека министерката за одбрана и премиерот Заев постојано повторуваат дека сега сме безбедна земја како дел од НАТО-алијансата, пред само неколку дена при пожарот во Кисела Вода отворено и практично се покажа колку навистина е безбедно да се живее на оваа територија. Пожарникарите буквално мораа да интервенираат со голи раце поради дотраеноста на пожарникарската опрема, додека Владата објавува оглас за нови 600 полицајци и функционерите на власт трошат народни пари за луксузни автомобили, дневници и скапи патувања.
Во поглед на безбедноста ако се земе во предвид и состојбата со здравството, тогаш работите стануваат многу појасни дека безбедноста за која мантраат челниците на оваа власт, во суштина е обезбедување и задржување на своите привилегирани позиции, како и изнаоѓање нови „креативни“ начини во црпењето на капацитетите на државата за свои приватни бенефиции и интереси – како што е на пример катастрофалната идеја на министерката Шеќеринска за приватно обезбедување на војската.
Она што е скриено од јавноста е тоа дека според буџетот за одбрана, определен во последните години од владеењето на СДСМ, може да се каже дека се работи за милитаризација на нашата земја. Предвидените расходи за одбрана за 2019 година се околу 135 милиони евра, што е зголемување за повеќе од една третина во однос на претходната година? Се прашуваме со кого е во војна нашата земја, од што се стравува за толку многу пари да се трошат во милитаристички цели?!
Токму премиерот Заев со своја изјава најави дека Владата е спремна да ги презеде обврските што ѝ престојат од влезот во НАТО-пактот, односно дека Владата е цврсто решена за 0,2 проценти да го зголемува воениот буџет секоја година и до 2024 тој да изнесува два отсто од БДП. Меѓу другото, премиерот потенцира дека војската во иднина ќе го зголеми своето учество во мисиите и ќе помагаме во НАТО-фондовите во Ирак и Авганистан.
Очигледно e дека НАТО не претставува миротворна и транспарентна организација, туку сериозен и агресивен воено-политички сојуз, кој не само што врши воени интервенции насекаде низ светов за да ги приграби ресурсите на другите нации – туку во исто време има и финансиски механизам кој функционира во корист на воената индустрија, чие лоби го застапува токму САД.
Левица повикува итно да се повлечат сите учества на нашите војници во мисиите на НАТО каде се репресираат народи кои ни направиле само добро, а ние им враќаме со учество во нивната окупација од страна на САД. Стоп за војните за профит и солидарност со поробените народи од страна на овој милитаристички конгломерат НАТО.