Националниот координатор за гранично управување при Владата, Владимир Пивоваров и Билјана Муратовска, генерална секретарка на Асоцијацијата на превозници „Макам Транс“- Скопје, денеска во присуство на заменикот на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и директорот на Царинската управа, Ѓоко Танаскоски потпишаа Меморандум за заедничка соработка, во борбата против корупцијата на граничните премини при влез и излез во земјата, како и граничните премини во странство.
Националниот координатор за гранично управување, Владимир Пивоваров истакна дека најважно средство во борбата против криминалот е информацијата за направени незаконити дејствија, навремено да стигне до надлежните институции кои понатаму ќе дејствуваат.
„ Соработката со „Макам Транс“ предвидува, превозниците на кои на граничните премини ќе им биде побарано мито од страна на цариник, полицаец или инспектор за храна и ветерина, таквата информација да ја достават до нивната централа, која потоа ќе биде проследена до Дежурниот Оперативен Центар при Национален Координативен Центар за Гранично Управување. Центарот ќе има обврска таа информација веднаш да ја сподели до надлежната институција за понатамошно постапување“, рече Пивоваров додавајќи дека за бројот на примените и дистрибуирани информации, Координативниот Центар ќе доставува месечен извештај до Владата на Република Северна Македонија.
Министерот за внатрешни работи Спасовски подвлече дека Меморандумот за заедничка соработка на граничните премини е од исклучителна важност за одржување на континуитетот во воспоставувањето потесна, оперативна и ефективна соработка меѓу институциите и граѓаните при обезбедувањето на проток на патници и трговска стока.
„Овој Меморандум ќе обезбеди и навремено детектирање и анулирање на сите пречки за обезбедување на безбеден и слободен транспорт. Меморандумот обезбедува практично следење и конкретна размена на информации, кои превозниците ќе имаат можност преку Информатичка Технологија (ИТ) да ја пријават и истовремено очекуваме намалување на ризиците и реално намалување на криминалот и корупцијата. Ве охрабруваме, Вас превозниците, а и полицајците, цариниците и сите институции на системот, заедно да застанеме во борбата со корупцијата на границите“, истакна во своето обраќање министерот за внатрешни работи, Спасовски.
Подетално за апликацијата, која ќе биде бесплатна и ќе ја има на веб страницата на Асоцијацијата „Макам Транс“ и ќе биде достапна и за корисниците на мобилни телефони, говореше генералната секретарка Муратовска.
„Апликацијата ќе може да ја користи било кој превозник, не мора да биде член на нашата Асоцијација“, рече Муратовска нагласувајќи дека пријавувањето на незаконските дејности ќе биде анонимно. Муратовска се заблагодари на Владата за вклучувањето во борбата со корупцијата и за залагањето за надминување на пречките со кои се соочуваат превозниците.
Според директорот на Царинската Управа, Танаскоски, мерките и соработката кои се регулираат во Меморандумот ќе обезбедат подобри услови за внатрешен и меѓународен транспорт на стока и проток на патници и со тоа директно ќе се влијае на олеснување и зголемување на трговијата и подобрување на економската соработка и раст.