Мистериозното и неуловливо ноќно суштество кое со генерации талка на францускиот остров Корзика, а кое локалните жители го нарекуваат „ghjattu volpe” или едноставно „мачка-лисица” конечно дојде до рацете на истражувачите на Француската национална канцеларија за лов и диви животни (ОНЦФС) кои успеале да го фатат и да го идентификуваат, пренесува РТ.
Мачката-лисица со векови е дел од локалните легенди како непознат предатор што напаѓал овци и кози во текот на ноќта.
„Ние веруваме дека е див природен вид кој бил познат, но не е научно идентификуван бидејќи станува збор за исклучително незабележливо животно со ноќни навики”, изјави еколошкиот техничар од ОНЦФС, Пјер Бенедети.
Во 2012 година, ОНЦФС поставила стапици со мамки за да ги наведат мачките да ја остават својата ДНК од крзното со триење на нивните тела од мамката.
По многу неуспешни обиди, ОНЦФС ја улови првата жива мачка-лисица во 2016 година и десетина други последователно, означувајќи ги со електронски чипови за да ги следат нивните движења на островот. Дел од нив поминувале по 3.000 хектари движејќи се на надморска височина од 300 до 2.500 метри.
Поголем од домашна мачка, со должина од 90 сантиметри, со широки уши, куси мустаќи и со долги налик на кучешки заби, овој етеричен предатор има црвено крзно на стомакот и црни прстени околу опашката со црн врв.
Меѓутоа, пред некој да се залета со заклучоци, истражувачите ја уверија јавноста дека е невозможно да се спарат лисица и мачка.
„Името го добиле поради свпјата големина и опашката. Всушност, тоа не може да биде сосема нов вид, туку хибрид на два вида мачки, од кои едната е можеби F. lybica sarda или сардиниска дива мачка, создавајќи нов подвид”, објасни Бенедети. .
Без оглед на хибридизацијата на суштеството, истражувачите се стремат официјално да го признаат и регистрираат како заштитен нов вид што е можно поскоро. Останува мистеријата за исхраната на животното, репродуктивните обрасци и за неговото потекло.