Младински образовен форум изразува загриженост за спроведувањето на овогодинешното квалификационо тестирање на средношколците кое вчера, 19.06.2019 беше најавено во три средни училишта. Квалификационото тестирање е наведено во конкурсот за за упис во средните училишта во учебната 2018/2019, но за точниот термин учениците беа известени нецели два дена пред тестирањето.
,,Ваквото тестирање ги става учениците во непријатна ситуација со тоа што им остава нецели два дена за подготовка за полагање на два предмети за кои повеќе немаат учебници.
Сакаме да потенцираме неколку проблеми околу ова квалификационо тестирање:
Иако тестирањето е наведено во кокурсот за упис во средните училишта, временската рамка за подготовка е многу тесна. Од моментот на објавата на првичната ранг листа, до изведувањето на тестирањето, учениците имаат нецели два дена да се подготват за два теста. Тестирањето е навистина важно за идните средношколци од причина што овие резутлтати директно влијаат на нивнотот понатамошно образование.
Нефер и неразумно е што учениците повеќе немаат учебници за предметите за кои ќе бидат тестирани. Ова се случува од причина што државата им ги дава на бесплатно користење на учениците, а истите мора да се вратат во училиштата за да се земе сведителството за завршено деветто оделение, кое е потребно за упис во средно училиште. Иако предметниот материјал е поминат и усвоен од нивна страна, имањето учебници не смее да се става под знак прашалник бидејќи на секој ученик му се потребни услови за подготовка за ова особено важно тестирање”, се вели во реакцијата.
Тие потенцираат дека со оваа ново-креирана состојба и најавување на исклучително кус рок, учениците се ставаат во неизвесна и непозната ситуација, која може и мора да биде планирана и превенирана од страна на надлежните институции. Ова е дополнителен стрес на оној кој веќе го имаат при преминот од една во друга фаза на образование.
,,Повеќе од неповолна ситуација е и полагањето на тестови од два предмети во еден ден, што не е случај во редовното тестирање во училишата, како во основно така и средно образование, дури ни при полагањето на испити во високото образование. Додека министерството не најде соодветен модус за превенирање на овие ситуации во иднина, мора да се остави простор за отворање на поголем број паралелки во оние училишта каде се јавува потреба за истите. Колку за илустрација, тестирањето во некои од училиштата е најавено само поради не повеќе од 30 ученици за кои нема место во постоечките паралелки. Потенцираме дека и понатаму остануваат места во стручните училишта кои ниту оваа година Министерството за образование не успеа доволно да ги промовира и популаризира помеѓу идните средношколци. Еден од приориртетите на Министерството мора да биде изедначување на квалитетот во сите училишта, што директно ќе влијае на нивната привлечност за следните средношколци. Алармираме да се работи на решавање на овој проблем, а Министерството за образование да внимава на идно креирање на вакви непромислени ситуации во кои единствено учениците трпат штета. Не смее од средношколците да се прават заморчиња преку воведување на вакви брзи и непромислени решенија”, се вели во реакцијата.