Поранешниот напаѓач на Ливерпул, Челзи и шпанската репрезентација, Фернандо Торес, утрово објави дека решил да се пензионира и да ја заврши 18-годишната успешна кариера.
Како еден од најдобрите шпански напаѓачи на сите времиња, Торес може да се пофали со импресивна соба со трофеи. Тој е светски шампион со репрезентацијата на Шпанија и двократен европски шампион, освојувач на Лигата на шампионите во Челзи, како и победник на Лига Европа со Челзи и Атлетико.
Бидејќи е роден во Мадрид, Торес ја започна кариерата како играч на Атлетико Мадрид и набрзо по дебитантската сезона ја доби капитенската лента, која само го зацврсти неговиот култен статус кај навивачите на овој клуб. Оттаму замина во Ливерпул, каде што започна неговата кариера како светска суперѕвезда.
Авантурата во Премиер лигата продолжи во Челзи, со кој ја освои Лигата на шампионите и Лига Европа. Иако не беше во најдобра форма, неговиот престој во Челзи му донесе најмногу трофеи на клупски план и го претвори во еден од најтрофејните шпански играчи на сите времиња.
Следеше позајмица во Милан, што не помина сјајно, но му даде ново искуство на Торес во лига во која дотогаш немаше играно. Потоа се врати во Атлетико Мадрид, каде додаде уште еден трофеј од Лига Европа во неговиот веќе импресивен кабинет со титули.
Постојат многу голови по кои ќе ја паметиме кариерата на Фернандо Торес, но посебно импресивни се ОНОЈ гол против Блекбурн додека тој беше во дресот на Ливерпул……како и победничкиот гол за Шпанија против Германија во финалето на Европското првенство 2008 година.
Кариерниот пат го однесе Фернандо Торес во Јапонија, каде досега го носеше дресот на Саган Тосу.
Торес е напаѓач кој поседуваше уникатен стил на игра, кој во неговиот апсолутен врв беше страв и трепет за сите противнички дефанзивци. Експлозивен, брз и непредвидлив, способен да постигне гол во било кој момент и било каква позиција. За време на неговата кариера одигра 706 натпревари во кои постигна 252 гола и забележа 73 асистенции.