Преку седумдесет министри за финансии, гувернери на централни банки, високи претставници на министерства за финансии и централни банки, високи претставници на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд ќе присуствуваат на централниот дел од Состанокот на Холандско-белгиската конституенца, кој се одржува во Скопје. Темата на која ќе се дискутира е „Како до поправеден систем за сите?”. Настанот ќе го отвори премиерот Зоран Заев, по што свои излагања ќе имаат министерот за финасии Драган Тевдовски и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, чии институции се организатори на настанот.
Меѓу високите претставници на Светската банка и ММФ се извршните директори задолжени за Конституенцата, Кун Давидсе и Антони де Ланој. Од групацијата на Светската банка на Состанокот ќе учествуваат и тројца потпретседатели – потпретседателот на Групацијата на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер, потпретседателот за човечки капитал, Анет Диксон и потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) Георгина Бејкер. Од ММФ ќе присуствуваат и директорите на одделите за Европа и за фискални работи, Пол Томсен и Витор Гашпар. На настанот ќе учествува и истакнатиот професор на Чикашкиот универзитет, Луиџи Зингалез, кој ќе биде главен говорник и учесник на една од панел-дискусиите.
Во рамки на темата „Како до праведен систем за сите?”, на настанот ќе стане збор за сѐ поголемата нееднаквост во доходот, факторите кои влијаат врз овој тренд, долгорочните и краткорочните последици врз економскиот раст, но и во повеќе други сегменти од општеството. Ќе се дискутира и за инструментите и политиките кои им стојат на располагање на носителите на политиките за справување со овие состојби.
На конференцискиот дел од Состанокот, освен премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Тевдовски и гувернерката Ангеловска-Бежоска, ќе се обратат и директорите во Групацијата на СБ и ММФ задолжени за Конституенцата, Давидсе и Ланој. Во текот на првиот дел од Состанокот, презентација ќе одржи потпретседателот на Групацијата на СБ, Сирил Милер.