Точно 99 дена пред одржувањето на предвремените избори во Австрија, Народна партија (ОВП) на Себастијан Курц е далеку пред сите други партии, според најновите анкети на јавното мислење.
Според истражувања објавени од страна на виенскиот весник „Естерајх”, ОВП во овој момент би можела да освои 38 отсто од гласовите.
Со тоа ОВП е дури 15 отсто пред Социјалдемократската партија (СПО), која во овој момент може смета на 23 отсто од гласовите.
Ако изборите завршат со овој резултат, тоа ќе биде најголемата разлика меѓу двете најголеми партии во земјата од парламентарните избори во 1945 година.
Што се однесува до Курц, него директно за шеф на владата, би го избрале 46 отсто од граѓаните.
Истражувањето, исто така, покажа дека ниту една коалиција не е можна без ОВП, односно Народната партија може да избира со кого сака да формира влада, и дека таа може и со една помала партија да формира мнозинство.
На третата позиција е Слободарската партија (ФПО), која би освоила 17 отсто од гласовите, што е последица од аферата „Ибица”, односно видео снимка на која се гледа како досегашниот лидер на партијата, Хајнц Кристијан Штрахе, и нуди на една внука на руски милијардер услуги за државни работи, а за возврат бара финансиска поддршка за неговата партија, поради што тој мораше да поднесе оставка на сите политички функции.
Рејтингот на ФПО е под 20 проценти, а на минатите избори, таа беше посилна од СПО.