Градот Скопје ги избра најдобрите на јавниот конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на заштитата на животната средина, најубаво уреден двор (индивидуално домување, колективно домување и институција) и најубав состав и цртеж на тема екологија за ученици од основните и од средните училишта. Овој конкурс беше објавен на 22.03.2019 година и траеше до 15.05.2019 година.
За најеколошка компанија (фирма со успешна примена на стандарди и придонес во зачувувањето на животната средина) е избрана Pro Credit Bank, која е добитник на наградата во износ од 45.000 денари.
Во категоријата за избор на најголем придонес за заштита на животната средина и природата добитник на наградата во износ од 45.000 денари е НУЛА ОТПАД ДОО Скопје.
За најубаво уреден двор на објект за индивидуално домување добитник на наградата е Зоран Митиќ, за двор во општината Аеродром, а за двор на институција победник е ООУ „Свети Климент Охридски“, с.Драчево, општина Кисела Вода. Победниците во оваа категорија ќе добијат награда во износ од по 40.000 денари.
Наградата за најубав состав на тема екологија за ученици од основните училишта отиде во рацете на Татјана Јовановска VIII 1 одделение, ООУ „Петар Поп Арсов“. Меѓу пријавените состави од ученици од средните училишта најубав беше составот на Христина Иванова IV-2, СУГС „Никола Карев“. Двете ученички добиваат награди од по 10.000 денари.
Во категоријата за избор на најубав цртеж на тема екологија за ученици од основните училишта добитник на наградата е Харис Мусли, VIII 2, ОУ „Петар Здравковски Пенко“, а за ученици од средните училишта наградата отиде кај Мартина Арсеска, IV-1, СУГС „Никола Карев“. Наградените ученици во оваа категорија добиваат награда од по 10.000 денари.
Во категоријата за најубаво уреден двор за колективно домување не е доделена награда, бидејќи на конкурсот не пристигнаа пријави.
Овој конкурс Градот Скопје традиционално го распишува во рамки на манифестацијата „Денови на пролетта – денови на екологијата“, а целта е да се подигне јавната свест за значењето и потребата од чиста и здрава животна средина.