Заев најави зголемување на платите наесен и на пензиите следната година
Откако ги решивме сите големи политички прашања останува да го зголемиме економскиот стандард и главна задача е раст на платите, пензиите и капиталните инвестиции за подиректна благосостојба за сите граѓани, изјави премиерот Зоран Заев, откако денеска најави дека одреден период ќе раководи и со Министерството за финансии.
Тој додаде дека наесен е можно да има ребаланс. Како што најави премиерот, од септември ќе има зголемување на платите во голем дел од јавната администрација, додека од 1 јануари се очекува да се овозможи и раст на пензиите.
– Главна задача е порастот на платите, не само во делот на здравството и здравствените работници. Од септември и на голем дел и на целата јавна администрација се качуваат платите. Сакаме да направиме квантен скок на севкупното зголемување на платите. Овде ќе преземеме одредени чекори, кои треба дефинитивно да го направат квантното чекорење кон подобро и повисоко ниво на севкупните нето плати кои се земата во Република Северна Македонија – изјави Заев.
Тој изрази уверување дека до крајот на годината ќе имаат доволно финансии и капацитети за зголемување на пензиите од 1 јануари 2020 година.