Првпат оваа година ќе се одржи интердисциплинарен фестивал Matka Summer Fest, кој претставува неколкудневен летен фестивал, каде што на отворено ќе се преплетат разни уметности.
Како што може да се разбере од името на фестивалот, ќе се одржи на Матка (во дворот на Fresh lounge bar), на едно од најфреквентните туристичките места во земјата, кое е посетено како од странци така и од локалното население, но најчесто преку ден затоа што, за жал, во текот на вечерните часови не само што ретко може да се забележат посетители туку исто така недостигаат културни понуди и содржини кои би ја оживеале Матка и во текот на доцните вечерни часови. Затоа, овој фестивал има цел токму тоа – првично Матка воопшто да има културна понуда за своите посетители, а особено да ѝ се даде на Матка заслужениот ноќен сјај. Преку овој фестивал имаме цел истовремено позитивно да влијаеме врз културната понуда, разновидноста, промоцијата, развојот на туризмот и бизнис-секторот во земјата, велат организаторите.
Централниот настан на фестивалот се концертите што ќе се одржат на 28 и 29 јуни, каде што ќе учествуваат Bla Bla Bla… и Offchestra (28 јуни) и Мухамед Ибрахими и Jericho (29 јуни), кои ќе бидат проследени со dj Electron и dj Pitti.
Покрај централниот настан, како дополнителна програма исто така ќе бидат неколкудневната изложба на фотографии од Матка направени од страна на шест млади фотографи (Арбнора Мемети, Ана Ристевска, Еркан Рамадани, Мирсад Бекир, Стефан Семандов и Зоран Шекеров) и други перформанси што ќе се одржат неколку дена пред централниот концерт.
Фестивалот Matka summer fest 2019 е поддржан од Министерството за култура. Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен.