Интегративните процеси се нешто во што вреди да се инвестира како гарант за реална општествена безбедност, но и општествен развој и просперитет, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска обраќајки се на 10-тата Меѓународна научна конференција „Влијанието на големите сили врз безбедноста на малите држави”, што се одржува во Охрид во организација на Факултетот за безбедност-Скопје со поддршка на фондацијата „Ханс Зајдел” од СР Германија и покровителство на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување.
-Процесот на политичко или економско интегрирање, етаблиран во изминативе неколку децении, се покажа како суштествено приоритетен политички механизам особено од интерес за малите држави. Преку тој концепт на политичко делување и партнерство – принципите на соработка, координација, солидарност, добиваат на посебна политичка тежина и значение. Како во смисол на постигнување на внатрешна стабилност на земјите, така и во поглед на заедничката, колективна безбедност. Република Северна Македонија, јасно ги препозна тие и такви тенденции резолутно дефинирајќи, во рамките на своите државни интереси, дека интегративните процеси сe нешто во што вреди да се инвестира како гарант за реална општествена безбедност, но и општествен развој и просперитет”, рече Спасовски.
Според него неспорен факт е дека политичките констелации и тенденции независно на кој период се однесуваат, секогаш имале директни импликации во регионалните и конечно – националните внатрешни состојби. И вклучително, како што рече, во делот на безбедноста, а ова особено во контекст на перспективите на, условно кажано, помалите држави.
-И конечно, рече Спасовски, но и незаобиколно: цивилизациското, социјалното, културолошкото и економско динамизирање и глобализирање на општествениот развој, особено од почетокот на осумдесетите години на минатиот век наваму, а мотивирани од исто таквата интензивна динамика на меѓународните политички идеи, односи и позиции, наметна потреба од изградба на нови поконкретни механизми, особено важни за малите држави како во смисол на осигурување на сопствената безбедност и развој, така и во смисол на проактивна партиципација во генералните политички трендови.