Славниот дефанзивец и поранешен соиграч на Зинедин Зидан во француската репрезентација Марсел Десали синоќа играше на ревијален натпревар меѓу легендите на Челзи и Реал Мадрид.
Пред натпреварот откри еден по малку неверојатен податок за некој кој имал толку импозантна кариера.
„Никогаш не сум играл на Сантијаго Бернабеу. Ова е одлична прилика конечно да ја исполнам таа желба“, откри 50-годишниот Десали.
Тој смета дека Зидан подготвива голема промена во стилот на игра и затоа толку драстично го менува составот на екипата.
„Има нов стил, нова филозофија, затоа бара нови играчи. Јасно е дека мора да се ослободи од некои играчи кои имаат потенцијал, но веќе не вредат толку бидејќи не можат да го следат она што тој го бара“, објаснува Десали.
Зидан како тренер со Реал освои три трофеи во Лигата на шампиони, а неговото враќање на клупата на „Кралскиот клуб“ по само девет и пол месеци откако си замина беше огромно изненадување за сите.
„Враќањето не е проблем. Се согласи да се прилагоди на новиот циклус и среќен е што има играчи кои уште имаат огромни квалитети. Само треба поголема конкуренција во екипата и нов план за враќање на врвот“, смета Десали, кој во кариерата играл за Нант, Марсеј, Милан и за Челзи пред да заврши во катарските клубови Ал-Гарафи и Катар СК.
За француската репрезентација одигра 116 натпревари и заби три гола, а во 1998 година го освои Светското првенство. Со Марсеј ја освои Лигата на шампиони во 1993 година, а една година подоцна со Милан. Од фудбалот се повлече во 2006 година, а подоцна во неколку наврати работеше како спортски аналитичар за неколку медиуми