Во рамки на овогодинешното 40. Скопско лето, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена балетската претстава во два чина „Ана Каренина“ со одбрана музика од рускиот великан Петар Илич Чајковски, на 28 јуни (петок), со почеток во 20 часот.
„Преку современите кореографски решенија сoединети со класичен балет на Лео Мујиќ од Хрватска, минималистичка, но ефектна сценографија, прекрасните костими на Александар Ношпал, ќе видиме едно интересно визуелно, динамично и полно со страст балетско видување на познатиот роман ‘Ана Каренина’ на големиот руски писател Толстој“, најавуваат од Националната опера и балет.
Од таму додаваат дека во повеќе од два часа инспиративните движења на Мими Поп Алексова Атанасовска како Ана Каренина, Бобан Ковачевски како Вронски, Васил Чичијашвили од Грузија како гроф Каренин, ќе ги пренесат сите емоции кои го означуваат ова дело: љубов, страст, омраза, лутина, гнев, љубомора, тага, мајчинска болка…