Според пописот од 2011 година, во првата деценија на овој век од Србија заминале 150.000 луѓе или просечно 16.000 годишно, просечната возраст на иселениците била 28,7 години, а една петтина биле со вишо или високо образование. Но, треба да се знае дека најголемиот број иселеници не го одјавуваат своето живеалиште во Србија, па затоа тие не се опфатени со овие податоци.
Затоа се користи статистиката на ОЕЦД.
Според нив, само во земјите членки просечниот прилив на работници и експерти кои доаѓаат од Србија се движи од рекордни 60.000, колку што си заминаа во 2015 година, па до сегашните околу 35.000 луѓе годишно. Покрај тоа, станува збор за податоци кои вклучуваат само легални миграции во земјите членки на ОЕЦД и треба да се додадат на оние кои заминуваат, на пример во Русија, како и постојано растечката „тивка” миграција, за која исто така не се знае бројот.
И како што не постои институција која може да обезбеди точни податоци, уште помала е веројатноста дури и грубо да се процени бројот на втората и третата генерација иселеници.
Уште поалармантни се податоците за високообразованите луѓе кои ја напуштаат земјата.
Според некои истражувања, две третини од младите луѓе кои се на крајот на академските студии сакаат да заминат во странство, а една третина од нив веќе презеле чекори за да го сторат тоа. Само тие податоци покажуваат дека иселувањето на стручни лица е сè помасовно и дека полека се ближи до нивото над кое ќе стане егзодус.
– Не можевме да се пресметаме колку Србија губи поради миграцијата, бидејќи нема ни приближно извесни податоци ниту за тоа, ниту за структурата на иселениците. Тоа е причината зошто направивме рамковна пресметка со шест можни сценарија, од најповолно до најпесимистичко, изјави за Данас, Ненад Јевтовиќ, директор на Институтот за развој на иновации, кој истражувал колку ја чини Србија тоа што заминува работоспособното население.
Според пресметките од оваа студија, вкупните трошоци кои државата и семејството ги имаат за да се заврши основно училиште изнесуваат 13.572 евра по лице, до крајот на средното училиште износот се зголемува на 20.854 евра, додипломски – 34.139 евра, а за докторски студии се потребни 54.576 евра.
Кога ова ќе се примени на податоците од можните сценарија за миграција, во најповолниот случај, инвестицијата што ќе ја искористи другата земја е во вкупна вредност од околу 300 милиони евра, а во најмалку поволната варијанта дури – 1,2 милијарда евра.
– Но, државата не губи само затоа што заминуваат луѓе во чие образование се вложени сериозни пари, туку и нашиот потенцијал да создавање БДП се намалува за 19.446 евра по лице годишно. Така може да се измери штетата од сè помасовната миграција и тоа така што на тој начин во Србија се намалува можноста за создавање поголемо БДП, потоа за бројот на заминати се намалува потрошувачката, па со самото тоа и способноста на економијата да отвора нови работни места, и на крај ефектот кој укажува дека поради иселувањето на претежно млади луѓе се намалува демографскиот потенцијал, а со самото тоа и можноста на економијата да се развива посериозно. Врз таа основа потенцијалот на БДП е намален за 0,9 милијарди евра. Кога на тоа ќе се додаде износот инвестиран во образованието на оние кои заминале, минусот се движи од 1,2 до над две милијарди евра годишно, вели Јевтовиќ.
Тој додава дека треба да се разгледаат и некои од позитивните последици, како што се дознаките според кои Србија е лидер во регионот и само минатата година од странски сметки од дијаспората се уплатени 2,6 милијарди евра или 6,2 отсто од БДП.
Според Томислав Живановиќ од УГС (UGS) независност, ние многу тешко можеме да спречиме заминување на луѓе од земјата, бидејќи тоа е резултат на глобализацијата, за која никогаш не сме се подготвувале.
– Веќе неколку децении наназад, овозможен е слободен проток на капитал, сега тоа вклучува и работна сила и земјите со силна економија можат да ја привлечат. Мислам дека ова може барем да се ублажи ако се воведе работна обврска по завршување на образованието. И посебен проблем е тоа што според некои податоци, меѓу иселениците има и до 9.000 високообразовани луѓе. Ова значи дека тие, исто така, ќе намалат и до 20.000 евра од БДП секоја година во следните четири децении. И ова не е крај, бидејќи нивните потомци нема да работат тука, а на нам и онака ни опаѓа наталитетот, вели Живановиќ.
Тој вели дека во моментов не гледа решение. Иако половина од оние кои си заминуваат се мотивирани од заработка, Живановиќ вели дека постојат и други фактори, бидејќи на подобри работни места не може да се дојде без партиска книшка, општата клима во општеството е таква што никаде не сте почитувани како човечко суштество и оти е логична тенденција на граѓаните да одат таму каде што животот е почитуван и поуреден.