Од петте министри во новиот владин состав четворица се млади кадри под 40 години сите образовани во европските држави. Садула Дураки е искусен политичар. Гледајќи го овој состав се гледа дека ДУИ прави интересен мозаик на искуство и млада енергија што испорачува резултати, изјави денеска вицепремирот за европски прашања Бујар Османи.
Прашан кои се главните адути за Садула Дураки да остане министер, Османи рече дека тој е искусен политичар кој е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ.
– Улогата на Дураки е да го трансформира Секретаријатот за рамковен договор во Министерство за политички систем. Имајќи предвид дека тој е дел од учесниците на подготвување на рамковниот договор нема човек кој подобро го знае духот на Охридскиот рамковен договор, изјави Османи.
Прашан за коментар за денешните протести против ДУИ во Тетово, Османи рече дека тие покажале дека народот бара сериозна програма и сериозни луѓе.
– Протестите, ако може да ги кажеме протести, покажаа дека граѓаните не поддржуваат политика на обид за доаѓање на власт преку разоткривање на приватност на функционери и преку клевети, туку бараат сериозна програма и сериозни луѓе, со багаж на претходно исксутво и сериозни проекти кои може да ги испорачуваат, изјави Османи.
Посочи дека протестите јасно и покажале на опозицијата кој пат е најдобро да го следи.
– Очигледно овој пат што сега се фатиле се покажа во неколку наврати дека е слеп пат и дека не ги носи до победа. Најдобро е да не следат нас и да разработат сериозна програма и проекти и да покажат сериозни кандидати и луѓе во кои народот има доверба и да ни конкурираат на тој начин. Ги уверувам дека само губат само време ако овој начин се обидуваат да дојдат на власт, изјави Османи.