Ја добивме 10-та препорака за почеток на преговори, ако треба да ја очекуваме и 11-та препорака од ЕК следната година, нема да имам лице да зборувам пред мојот народ за европските перспективи на земјата. Ако не ги започнеме пристапните преговори оваа година, тоа за мене значи дека не постои европска перспектива, по сето она што го постигнавме за две години.
Ова го изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на панел дискусијата во Стокхолм, посветена на случувањата во земјите од Западен Балкан со фокус на нивната ЕУ-перспектива.
За постигнувањата на нашата земја на домашен план тој рече дека тоа е очигледното скршнување на земјата кон либералната демократија, владеење на правото, следење на резултатите од пресудите против политичари, очигледен раст кај слободата на медиумите што се покажува, вели, не само во Извештајот на Комисијата, туку и во Извештајот на Фридм Хаус каде не нарекуваат земја со најдобри шанси за демократски пробив во Европа. „Економист” според индексот на демократија не стави во мала група земји постигнат е забележителен прогрес во демократијата. Извештајот за човекови права на Стејт департментот исто така, рече, кажува дека судството е понезависно, а медиумите се послободни.
На планот на надворешната политика, во регионот кој е толку многу вкопан во историјата, успеавме, додаде тој, да излеземе од ровот со самодоверба и да го решиме исклучително деликатното и емоционално прашање кое допира во идентитетот. Го направивме невозможното со нашите грчки пријатели кога со мојот пријател Никос, а сега со Катругалос успеавме да го инвестираме нашиот политички капитал и да го решиме проблемот мислејќи на идната генерација, бидејќи тоа ќе има и политичка цена во однос на наредните избори.
-Во регион со толку богата историја ние успеавме да произведеме малку иднина, а двата наратива се компетитивни, едниот е за европската иднина и за работи кои се важни денес: здравство, образование, медиумски слободи, повеќе работни места и пристојни плати. Другиот е натпреварот за тоа кој е најстар, кој е поголема жртва, кој има повеќе непријатели, кој има повеќе славни победи или порази во минатото, но сето тоа се користи како параван да се сокрие злоупотраба на власта и корупцијата. Затоа големото прашање за Европа е што да правиме со овој регион и дали да испорачаме кога земјите ќе испорачаат. Овој процес не е едносмерна улица, и сметам дека не ни се потребни скратени патишта, но кога земјите ќе испорачаат, Европа мора да испорача исто така, бидејќи во спротивно, нема да имаме процес, рече Димитров.
Тој додаде дека ако Европа не успее да го препознае прогресот што го направивме само за да се започне патувањето и ако по одложувањето на одлуката во јуни 2018 година, и јуни годинава, во октомври има ново одложување и Европскиот совет каже „не”, треба да признаеме, рече, дека не постои европска перспектива.
-Шансите за успех во октовмри се здружени и немаме лукзус во денешна Европа да ја испуштиме можноста за консолидиран успех, рече Димитров на панел дискусијата во Стокхолм на која учествуваат претставници од сите шест земји од Западен Балкан.