Од 30 до 60 проценти се оштетувањата од врнежите од град, што пред неколку дена ја зафатија неготинската општина, за МИА потврдува Ѓорѓи Ајтов, раководител на подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството.
-Според досегашните согледувања, најголеми се штетите околу градот и во Дисанијата. Дополнителните проверки ќе покажат дали има оштетувања и во други региони и ако има, во колкав обем се тие штети. Ги повикуваме сите земјоделци кои биле на удар на невремето, да се јават во нашата советодавна служба, за да добијат инструкции како да постапат со земјоделските култури кои имаат последици од градобијните зрна, нагласува Ајтов.
Тој додава дека многу мал дел од земјоделците ги заштитиле своите земјоделски имоти со противградобијни мрежи, а поголем дел се заштитиле со осигурување, при што државата плаќа 60 проценти од вредноста на полисата. Потсетува дека преку ИПАРД програмата можат да бидат субвенционирани заштитни мрежи, со кои се постигнува двоен ефект. Заштита од град и од штетните ув зраци поради глобалното затоплување.