Обединетата албанска опозиција не ја признава одлуката на Изборниот колегиум и останува на сопственото убедување дека на 30 јуни нема да има избори.
Ова, по средбата што ја свика лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша со лидерите на партиите кои ја сочинуваат обединетата опозиција, го изјави Дашамир Шехи од партијата Движење за национален развој.
– Оваа недела ќе кулминира со народни протести. Ова не се избори. Ние не ги признаваме, ова се избори на господинот Рама, ние ќе ја почитуваме уредбата на претседателот Илир Мета која е во сила. На 30 јуни нема да има избори, нашиот отпор ќе биде уште поголем. Ние ќе одиме да се соочиме со оваа нова политичка хунта во секој дел на Албанија. Овие избори не ги признаваме. На 30-ти нема да се гласа. Опасноста од оваа група е толку голема што го оправдува секој вид отпор, изјави Шехи.
Според него, одлуката на Изборниот колегиум, кого го нарече „несреќа”, нема никаква вредност.
– Колегиумот нема ниту правна ниту политичка вредност. Во него се неколку несреќи кои имаа можност да донесат лоши одлуки за себе, обвини Шехи.
Во име на обединетата опозиција посочи дека ќе продолжат со протести и отпор низ целата земја за да не се дозволи, како што рече, лажна изборна трка.