Над 200 лица ќе опфати најавената „метла” на премиерот Зоран Заев. Покрај министрите, за кои веќе утре Собранието треба да ги разреши и да гласа за новите предлози на премиерот, ќе опфати заменици министри, директори на централно ниво, членови на управни одбори, надзорни одбори, директори на локално ниво…
Ова го најави премиерот Зоран Заев во вечерашното интервју на Сител ТВ, кој оценува дека доволни се промените во министерските места во Владата и дека се продолжува со промените по вертикала, а очекува целиот процес да заврши на почетокот на јули.
– Голем дел од незадоволствоот беше концентрирано кон високи функционери кои ги нарекуваа и локални шерифи. Дел се политички функционери од СДСМ, каде се завршија големи промени, почнувајќи од најниско ниво, односно претседатели на општинските организации, извршниот одбор, централниот извршен одбор, дел од потпретседателите се нови каде сме во финална фаза, директорските места се тие каде што допираат граѓаните и секако од министерските места и дел од заменичките министерски места, што ќе се случат во периодот што претстои. Јасно ја доловив пораката од граѓаните каде тоа лежи незадоволството и секако дадов шанса на одредени министри кои имаат поголем капацитет и можат да го покажат. Верувам дека успешно го завршуваме тој процес. На самиот крај ќе ги очекуваме и следните решенија што ќе се случат на директорски места на централно ниво, во делот на управни одбор, надзорни одбори, на подрачните единици, директорски места на локално ниво. Комплетно ќе се работи за севкупна политичка и општествена промена на повеќе од 200 луѓе, рече премиерот.