Членот на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов на прес конференција истакна дека скопскиот градоначалник, Петре Шилегов граѓаните го прогласија за градоначалник кој досега најмалку сработел, а како тргнало ќе го прогласат и за градоначалник кој најмногу украл.
-По плаќањето на адвокати со астрономски суми од касата на ЈП Водовод и канализација, градот одвои над половина милион евра за одржување на фонтаните кои подолг период не ги има пуштено. Имено неколку фонтани во центарот на Скопје оваа сезона останаа не пуштени, а градот распиша тендер за одржување на фонтаните од над половина милион евра. Петре Шилегов преку ЈП Водовод и канализација на сметка на фирмата Хидротек ДООЕЛ Скопје ќе префрли 580.000 евра за одржување и набавка на резервни делови, кои властите тврдеа дека се украдени. Власта тврдеше дека од фонтаните се украдени делови од 60.000 евра, но сега сумата која се наплаќа за одржување и резервни делови е десеткратно поголема. Колкава е вистинската штета која е причинета и дали штетата е само изговор да се реализира милионски бизнис, вели Попов?
Според него, Шилегов мора да одговори колку го чини градот украдената опрема од фонтаните и кој ќе ја плати? Дополнително дали зад кражбата стоеше бизнис интерес за склучување на над половина милионски договор за одржување на фонтаните?
-Дали зад одржувањето на фонтаните се крие уште една матна зделка? Дали буџетот на скопјани наместо за креирање на нови добра се користи за полнење на сметки на фирми и поединци блиски до СДСМ? Расипништвото мора да запре. Граѓаните мора да знаат каде заминува секој денар. Скопјани заслужуваат со нивните пари да се одржува и создава подобро хортикултурно уредување, вели Попов.