Откако албанскиот претседател Илир Мета денеска изјави дека по неговата уредба за одложување на изборите, тие сега веќе се имагинарни, премиерот Еди Рама на средба со граѓани во Тирана рече дека не постои ни најмала можност изборите да не се одржат на 30 јуни.
Околу ставот на Мета дека не можел да дозволи монстички избори,Рама рече дека кој сака да биде избран, треба да се пријави за учество на избори.
-Одлуката на опозицијата да не учествува на изборите е спектакуларно политичко самоубиство,но ние не можеме тука ништо да направиме. Нема шанса да се случи она што го кажуваат тие „ јас не сум подготвен за натпревар и ти нема да влезеш во стадион”. Најважно за нас е да го направиме процесот колку што е можно покоректен.Избор на секого е дали сака да се пријави за учество на избори или не,изјави Рама.
Во врска со процедурата за разрешување на претседателот Мета,тој рече дека таа треба да се реализира до крај, додека постапката на Мета за одложување на изборите ја нарече „институционална уставна несреќа”.
На масата каде што пиеше кафе, Рама не можеше а да не иронизира со политичките противници па и со претседателот Илир Мета.
Држејќи в рака филџан од испиеното кафе тој како да гата на него стави до знаење дека шефот на државата за одложување на изборите го посоветувала неговата сопруга и лидерка на партијата Социјалистичко движење за интеграција,Моника Круемади,која веќе подолго ја нарекува гатачка на кафе.