Меморандум за соработка во областа на енергетската ефикасност во домувањето, денес потпишаа градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски и раководителот на програма во Здружението за хумано домување Хабитат Македонија, Зоран Димитров. Преку ова партнерство, ќе се инвестира во енергетска обнова на колективните станбени згради, што пак, за жителите на општината ќе значи заштеда на потрошувачката на енергија, а со тоа и зголемување на средствата во домашниот буџет. Општината ќе субвенционира дел од средствата потребни за поставување на нова, термоенергетска фасада, за замена на старите прозорци и балконски врати, со нови, енергетски ефикасни прозорци и врати. Останатиот дел од сумата ќе може да се исплати преку поволен заем чиј услови Хабитат ќе ги дефинира заедно со заедниците на сопственици или индивидуалните сопственици на становите.
Како што беше истакнато на средбата во Општината, енергетската фикасност е концепт кој е модерен и многу популарен во последните години, посебно ако се гледа низ призмата на заштеда во секторот за домување. Освен што граѓаните штедат живеејќи во енергетски ефикасни домови, се намалува и енергетската потрошувачка на ниво на целата држава.
Во наредните денови, Општина Кисела Вода ќе го распише огласот во кој ќе бидат наведени сите потребни критериуми за аплицирање. Се надеваме дека преку ова мултилатерално партнерство многу жители на Општина Кисела Вода ќе успеат да ја реновираат зградата во која живеат, до степен таа да стане енергетски ефикасна.