Колку е безбедно и квалитетно млекото кое се произведува во домашните фарми и дали ги исполнува нормите пропишанни со закон е вечно прашање за кое одговор дава секоја година Агенцијата за храна и ветеринарство. Според последниот извештај за минатата година од вкупно 5.747 одгледувалишта кои се регистрирани во државава само 73 ги исполнуваат критериумите за квалитет на млекото во однос на Правилникот за посебни барања за безбедност и хигиена и начинот и постапката на вршење на службените контроли на млекото и млечните производи.
Само мал дел од млекото кое се произведува во домашните фарми е квалитетно и бзбедно. Според последниот извештај на Агенцијата за храна за минатата 2018 година излегува дека само 2,5 проценти од млекото кое се произведува кај нас е според Правилникот за квалитет и безбедност. Според податоците објавени од нивна страна во период од 12 месеци од јануари до декември лани од страна на нивните инспектои биле посетени 2.826 одгледувалишта или скоро половина од регистрираните како што било и планирано.
Според податоците на Заводот за статистика иако квалитетот е на многу ниско ниво, сепак има двојно зголемување на производство на млеко од молзна крава. Во исто време има и промена на расниот состав на животните и двојно зголемување на вредноста на кравите. Според последната Публикација на Државниот завод за статистика во последниве 25 години, производството на кравјо млеко по молзна крава постепено забележува пораст, од 1.329 литри млеко годишно во 1991 година, до 2.828 литри во 2017 година.
Професорите на Факултетот за земјоделство и храна и од фирмите што се занимаваат со оваа дејност велат дека причина за зголемена количина млеко е смената на расниот состав, подобрата исхрана и постојаното вложување за осовременување на условите за живеење во фармите. Според статистиката, бројот на говеда во 2010 година бил 259.000. Следната година бројката се зголемила на 265.000, а потоа во следните три години се намалила на 240.000. За сметка на тоа производството на кравјо млеко од 360.000 тони се зголемило на 387.000 тони.
Производството на млеко во земјава се карактеризира со голем број мали фарми традиционални фармери, кои се 75 отсто од вкупниот број и имаат ниска продуктивност. Многу е мал бројот на големи специјализирани фарми со повеќе од 20 крави и тоа само околу 3 отсто од вкупниот број со висока продуктивност и годишно производство на млеко околу 5 илјади литри од крава.
Сегашната ситуација во Македонија е таква што поголем дел од добитокот не е со висок генетски потенцијал и затоа е потребно преориентирање кон купување попродуктивен добиток. Направените анализи покажуваат дека просекот за македонските крави во периодот на лактација е 3.000 литри млеко, а сточарот од млекото што го добива од една крава заработува во просек 64.500 денари, додека од добитокот со висок генетички потенцијал просекот на млеко би изнесувал над 8.000 литри, а заработката 172.000 денари.
Валентина Ангеловска