Албанскиот претседател Илир Мета попладнево имаше средба со унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, од која упати апел до политичките партии во Албанија да започнат дијалог со цел надминување на кризата и зачувување на европските вредности кон кои тежнее земјата.
– Под итно да се свртат кон дијалог и Албанија да се врати во нормала со почитување на правната држава, нагласил Мета.
На средбата на која се разговарало за актуелната политичка криза во земјата, Мета додал дека секое сценарио за конфликт ќе ја оддалечи Албанија од европските вредности и оти секој внатрешен или надворешен актер кој се обидува да ја втурне земјата во конфликт, ќе сноси одговорност пред албанскиот народ.
– Секоја активност кон патот на беззаконие и конфликт ја носи Албанија надвор од нејзината европска перспектива, а истовремено сите внатрешни или надворешни актери кои придонесуваат за ова сценарио ќе бидат одговорни пред албанскиот народ, порача Рама.
Шефот на албанската држава високо ги оценил „традиционално добрите албанско-унгарски односи” и се заблагодарил за искрената поддршка што Унгарија и ја дава на Албанија во процесот на европска интеграција.
Инаку, тврдењата на Мета за вмешаност на „надворешни актери” кои се обидуваат да ја втурнат земјата во конфликт, ги отфрли албанскиот премиер Еди Рама, велејќи дека не постои таква опасност, туку дека „за сите тензии што може да бидат предизвикани, одговорна е албанската опозиција”.