Транспарентноста, отчетноста, двонасочната комуникација со медиумите и граѓаните се сфери во кои Општина Карпош е лидер и добро е успешните практики да се пренесат и на другите локални самоуправи, институции и чинители.
Сепак, секогаш може да се унапредува комуникацијата и да се оди чекор напред во овозможувањето на подобри услуги за граѓаните на локално ниво. Токму во овој дух, денеска беше склучен меморандумот за соработка меѓу Општина Карпош, градоначалникот Стефан Богоев и Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП), чиј претседател е Бојан Кордалов.
-Сакаме да ги истакнеме позитивните искуства, за да ги охрабриме и другите да се приклучат кон овој бран на дигитализација на општеството. Во изминатиов период забележани се позитивни промени, се повеќе институции и носители на јавна функција ги користат социјалните медиуми, а особено е важно да се негува двонасочната комуникација, по примерот на Богоев и Карпош, истакна Кордалов кој е специјалист по социјални медиуми и ПР.
Богоев и Кордалов се обврзаа на континуирана соработка во претстојниот период. ПР тимот од Општина Карпош заедно со ИДУЕП ќе работи на подготовка на заедничка публикација за промоција на потребата од двонасочна комуникација со јавноста и дититална транспарентност на единиците на локалната самоуправа. Овој прирачник ќе ги содржи сите позитивни и негативни искуства со кои градоначалникот Богоев и Општината се среќаат секојдневно, како и насоки како да се унапредува комуникацијата со граѓаните.