Политичарите од спротивните „табори”, но и граѓаните, да разговараат, да се научат на дијалог, наместо да се навредуваат. Да ги сослушуваат спротивните мислења и ставови, независно колку се тие радикални, порачаа учесниците на денешната дебата „Деполаризација на јавниот дискурс: македонскиот невидлив критериум за членство во ЕУ”.
Заеднички беше заклучокот дека македонското општество и натаму е сé уште длабоко поделено, а оддалечувањето од целта на нашата држава, односно натамошното одолговлекување на процесот на евроатлантските интеграции, само ќе го продлабочи јазот на интра и интеретнички план и дополнително ќе ги засили политиките на омраза, конфликт и предрасуди.
-Постои многу анимозитет, омраза и гнев што се провлекува низ нашето општество подолг временски период. Сега кога сме на прагот на формалното членство во НАТО и пред почеток на преговорите со ЕУ, повторно сме соочени со ново, дополнително поларизирање на односите, недоверба и малодушност. Процесот на помирување не е лесен и едноставен и сигурно ќе трае со години можеби и децении, но, верувам дека мораме да го почнеме од себе и во себе, да тргнеме од нашето непосредно опкружување, од нашите профили на социјалните мрежи, од нашите коментари, ставови, забелешки, од нашето однесување кон пријателите, колегите, соседите, во нашите семејства, истакна претседателот Стево Пендаровски.
Тој во обраќањето напомена дека максимално ќе се заложи и ќе даде прилог во процесот на помирување, како што вети во предизборната кампања.
– Мислам дека мојот прилог во тие процеси ќе биде повидлив ако наместо во изработката на т.н. стратешки документи и проекти, се фокусирам пред се на т.н. мали потези, почнувајќи од кадровската политика, се до дневните одлуки во рамки на моите уставни и законски надлежности, рече шефот на државата.
Во овој контекст повтори дека влезот во ЕУ и НАТО ќе им ја олесни работата на сите граѓани, пред се на носителите на јавните функции, за суштинско подобрување на институциите и креирање клима на предвидливост, доверба која сега, според него, реално отсуствува.
-Но, секако, ниту евроатлантската интеграција нема преку ноќ да ја реши поларизацијата во општеството, поделбите на ваши и наши, свои и туѓи, патриоти и предавници, предочи Пендаровски.
За него се најважни професионалните и човечките квалитети, вештините и знаењето, искуството и креативноста на луѓето, а не, како што рече, политичката лојалност и формалната партиска, етничка, религиозна, идеолошка или која било друга припадност.
Професорот Трајко Славески делумно се согласи со ставовите на Пендаровски, но укажа дека наместо зборот „помирување”, можеби е подобро да се зборува за „деполаризација” на општеството. На тоа Пендаровски одговори дека деполаризацијата како термин можеби е „поточен”, но „помирувањето” е поразбирливо за обичниот човек.
– Мислам дека е најдобро меѓу претставниците на политичките партии да се постигне џентлменски договор за избегнување говор на омраза. Од СДСМ уживаат кога ќе кажат ДПМНЕ, а од ВМРО-ДПМНЕ кога велат СДС. Јас никогаш не сум го употребил изразот „комуњар”, а некој многу често и јасно го користи. Да не се навредуваме, туку да се натпреваруваме. Конкуренцијата е многу добра работа, истакна Славески.
И Гордан Герогиев кој ја модерираше панел-дисксуијата, се осврна на поделеноста. Оцени дека македонското општество упорно, дрско и бескомпромисно му вели „не” на дијалогот.
-Наспроти сите обиди, се чини дека македонското општество тешко ги залечува длабоките лузни. Трауматичните настани што ги преживеавме како да не беа доволна траума за доволен број граѓани. Изгледа очекувањата им биле или премногу ниски или гледале со поинаква диоптрија или прагматичен пристап кон промените. И двата аспекта ги разбирам, но и двата не ги почитувам. Некој ќе рече, не, не баш напротив, Очекувањата ни беа големи и се разочаравме. Последнава реченица, често слушана деновиве, е токму епитом на еден од најтемелните проблеми со кои се соочува македонското општество, проблем кој ја тресе земјава подолго време и чии афтер шокови далекусежно се вплетуваат во она што се нарекува македонски штоф. Проблемот е – како да се научиме да разговараме меѓусебно?, потенцира Георгиев.
Панел-дискусијата ја организираше Институтот за општествени и хуманистички науки, во соработка со фондацијата National Endowment of Democracy (NED), а покрај учесниците присуствуваа и амбасадори и други високи гости.