По кусо боледување, утрово на 86-годишна возраст почина Тамара Арсовска, член на Друштвото на писатели на Македонија од 2004 година.
Автор е на повеќе книжевно-публицистички книги, и тоа: „Запаметено време” (1992), „Блиски средби” (1992), „Отаде минливоста” (1994), „Волшебници на зборот” (1995), „Чекор во третиот милениум” (1999), „Влезница за иднината” (2008), „Најубавите писма на великаните” (2009), „Писателите за себе” (2010), „Од дневникот на нашите години” (2011), „Творците и нивното време” (интервјуа, 2012), „Летописни помненија” (2014), „Сите наши години” (интервјуа, 2017).
Арсовска ги подготвила и антологиските избори: „Илинденски раскази” (1978); „Поезија на Револуцијата” (1985), „Весела книга” (1996), „Во светот на сказните” (2006).
Посмртните останки ќе бидат изложени утре во периодот од 9 до 10 часот, во Капелата на градските гробишта Бутел во Скопје, по што ќе биде извршен погребот.