Управата за јавни приходи потврди дека сметката на телевизијата 1ТВ е блокирана. Оттаму не даваат информации и образложение поради кои причини е блокирана сметката на правното лице „1ТВ ДООЕЛ Скопје“, бидејќи, како што велат, обврзани се сите информации да ги чуваат како даночна тајна.
Од телевизијата, пак, демантираат и сметаат дека станува збор за злонамерни информации.
„Во врска со тенденциозните информации објавени во одредени медиуми дека е блокирана сметката на 1ТВ, Менаџментот на телевизијата ја информира јавноста дека сметката на 1ТВ е активна, што може да се утврди и со увид во банкарска потврда. Воедно, ваквите дезинформации ги оценуваме како злонамерни, кои имаат за цел да го нарушат угледот на телевизијата, предизвикувајќи и материјална штета, но и да внесат забуна кај клиентите и гледачите“, велат од 1ТВ.