Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска изјави дека правата на Палестинците не се на продажба.
Ваквата изјава на Абас се однесуваше на коментар на економскиот план за Блискиот Исток, што вчера го претставија САД на конференција во Бахреин.
– Пред какви и да било економски планови или програми, мора да се постигне политичко решение што ќе гарантира слобода, достоинство, независност и правда за палестинскиот народ, изјави Абас на заедничка прес-конференција во Рамалах со чилеанскиот претседател Себастијан Пињеро, кој престојува во посета на палестинските територии на Западниот Брег.
Според Абас, само политичко решение може да создаде услови за стабилност и безбедност за сите.
Планот уште вчера го отфрли Палестинската ослободителна организација (ПЛО), чиј лидер е Абас, оценувајќи дека документот нема политичка визија, поради што е осуден на неуспех.
ПЛО тврди дека со економскиот план „само ќе продолжи заробеништвото на Палестинците”, оценувајќи дека мирот не може да биде постигнат се додека не заврши „израелската окупација и економска доминација”.
Организацијата ги обвини САД дека сакаат да ја искористат конференцијата во Бахреин како покритие за обидите на Израел да ги нормализира односите со арапските земји.
Инаку, во Чиле живее најбројната палестинска заедница надвор од Блискиот Исток, која брои околу половина милиони лица. Чиле официјално го призна постоењето на „независна држава Палестина” во јануари 2011 година.