Дваесет и една препорака за нашата држава содржи извештајот на Групата држави против корупција (ГРЕКО) од петтиот еволуционен круг кои се однесуваат на највисоките носители на извршна власт и МВР, изјави претставничката на земјава во ГРЕКО, Ана Павловска-Данева која одржа брифинг со претставниците на медиумите во однос на извештајот.
Таа потенцира дека со препораката опфатени се премиерот, министрите, ДКСК и полицијата.
„Препораките на ГРЕКО накратко се сведуваат на тоа дека Владата треба да донесе нов етички кодекс или пак да го измени постоечкиот етички кодекс за министри и за други избрани и именувани лица од Владата, кадешто Владата ќе предвиди санкции за министрите и за сите именувани лица кои нема да го почитуваат тој етички кодекс“, образложи Павловска-Данева.
Истото се однесува и на полициските службеници. ГРЕКО бара да се промени, да се ревидира, или да се донесе потполно нов етички кодекс за полициски службеници.
„ГРЕКО инсистира на чести обуки, што ќе треба ДКСК да ги спроведува, како за министрите така и за полициските службеници за тоа што значи етичко однесување, што значи интегритет, што значи и како да се спречи конфликт на интереси. ГРЕКО исто така, бара да се воведат критериуми, професионални, за избор и разрешување на директор на Бирото за јавна безбедност. Што ќе значи дека, покрај ваков вид на подзаконски акти, како што се етичките кодекси и други програмски определби, или силабуси за тренинзи и обуки, Владата на Република Северна Македонија ќе мора да подготви и измени за законот за полиција и законот за внатрешни работи, а Собранието овие закони да ги усвои и да ги донесе“, додаде Павловска-Данева.
Рокот кој ни е даден од страна на ГРЕКО за исполнување на овие препораки е 18 месеци, што значи дека до 30-ти септември следната година, ќе треба да поднесеме извештај што од сето тоа препорачано сме успеале да оствариме.