Шумски пожари денес беснеат на околу 4.000 хектари во североисточната шпанска провинција Каталонија, а пожарникарите велат дека огнот може да зафати површина од околу 20.000 хектари поради топлотниот бран што ја погоди целата земја.
Температурите во некои делови на Шпанија денес и утре ќе достигнат дури 43 степени, според најавите на метеоролозите.
Регионалната влада во Каталонија соопшти дека околу 30 лица биле евакуирани од околните фарми поради пожарите кои ги оценија како најлоши во последните 20 години.
Хеликоптерите испуштале вода на ридовите во пламен околу 80 километри од крајбрежниот град Тарагона.
Нема податоци за можни жртви.
Топлотен бран ги погоди и другите европски земји, вклучувајќи ги Франција и Германија.