Европа и денеска се обидува да се справи со топлотниот бран за кој како што најавија метеоролози, до викендот во делови на континентот ќе урне историски температурни рекорди.
Европските градови преземаат вонредни мерки за ублажување на ефектите од високите температури, кои надминуваат 40 степени.
Германија воведе ограничување на брзината на автопати, додека училишта во Франција се затворени.
Властите предупредија дека температурите до сабота би можел да достигнат 45 степени Целсиусови во некои делови бидејќи бранот топол воздух се движи од Сахара кон север на Европа, објави Гардијан.
Во Германија, вчера беше измерена рекордна температура за јуни во градот Кошен од 38,6 степени.
Властите воведоа ограничување на брзина до 120 километри на час на автопатот Саксонија-Анхалт, бидејќи површината на патот почна да се деформира, а во близина на Росток на Балтичко Море искривени се шините на железничката пруга.
Во Бранденбург, полицајците изјавија дека останале „без зборови”, откако спречиле човек гол да го вози својот мопед.
Во Минхен, чувари предизвикаа „немири” откако побараа група жени повторно да облечат горен дел од костим за капење – тоа предизвика дебата во градскиот совет за измена на законот со цел да им биде дозволено пливање во топлес.
Извештаите покажуваат дека Франција не е во можност да се спротистави на топлотниот бран.
Училиштата ќе останат затворени во некои делови на земјата, каде што в петок би можело да биде урнат рекордот од 44,1 степени.
Властите во Париз, Лион, Стразбур и Марсеј им забрануваат на возачи со постари автомобили да влезат во централните делови на тие градови со цел да се спречи загадувањето.
Во Милано се очекуваат температури од 40 степени, а хуманитарни групи се подготвуваат да делат 10.000 шишиња со вода на бездомници и други ранливи групи.
Во Шпанија, како што е најавено, температурата ќе достигне 44 степени во 33 од 50 провинции.
Научниците велат дека оваа година топлотниот бран, како и оној од минатата година, е поврзан со климатските промени и предупредуваат дека таквите екстремни временски услови ќе ја погодат планетата и во наредните децении.