Грчките власти запленија огромен број таблети „Каптагон” од товарен брод во пристаништето Пиреја, што веројатно е најголемата количина некогаш конфискувана во таа земја.
Амфетамините „Каптагон” биле откриени во 60 палети натоварени во три контејнери. Официјални лица досега избројале 1,4 милиони таблети во една од палетите. Броењето се очекува да трае неколку дена.
Операцијата ја спроведоа одделот за наркотици на грчката единица за финасиски криминал и крајбрежната стража по добивање информација од американската Служба за борба со наркотици (ДЕА).
Според документацијата на бродот, товарот бил натоварен во сириското пристаниште Латакија и официјално патувал за Кина, но грчките власти сметаат дека крајната дестинација е некоја друга земја.
Каптагон припаѓа на фамилијата амфетамини. Овие дроги се вештачки произведени, но хемиски се блиски до природните невротрансмитери како допаминот и адреналинот. Кога некој ќе ја консумира, дрогата се разложува во метаболизмот како амфетамин и како теофилин кој исто така делува како стимуланс.