Пожарникарите се договорија со општина Тетово за исплата на платите и подобрување на условите за работа

Претставници на синдикатот на пожарникарите во Тетово и градоначалничката Теута Арифи денеска одржаа состанок и се договорија да се надминат разликите околу платите и да се подобрат условите за работа поради што протестираа вработените во тетовската противпожарна единица. Формирана е работна група која ќе има задача да го реализира договореното.

– Преку вонсудски договори ќе се надминуваат разликите околу исплатата на платите. Општина Тетово комплетно ги прифати обврските околу реализирање на здравствени контроли и колективно осигурување. За условите за работа ќе бараме од Дирекцијата за заштита и спасување, која е надлежна за средствата за работа, да примени принцип на еднаков регионален развој и тие да се користат и во Тетово и на други места, рече градоначалничката Арифи.

Горан Ристевски од Независниот синдикат на државна управа истакна дека преку вонсудските договори пожарникарите ќе треба да добијат основна плата како општинската администрација и плус 20 отсто поради сложеноста и видот на работата.

– Освен додаток на плата, треба да се исплатат дневници за работа во викенд, празници и прекувремена работа за три години наназад. Побаравме и зголемување на вработените согласно Законот за пожарникарство на вкупно 130 лица. Тоа ќе значи зголемена безбедност за граѓаните и позитивна клима за работа во пожарната без оптоварувања поради прекувремена работа, појасни Ристевски.

Градоначалничката Арифи истакна дека од 60 вработени, 20 лица добивааат плата согласно блок дотација од Министерството за одбрана за што ќе се бара од Владата да се усогласи. Исто така најави дека со градоначалниците од Полошкиот плански регион ќе разговара руралните општини да даваат финансиски средства бидејќи ги користат услугите на пожарната, а не учествуваат во одржувањето.

Треба да знаете
Последни објави