Препораките од ГРЕКО се за извршната власт и МВР

Дваесет и една препорака за нашата држава содржи извештајот на ГРЕКО од петтиот еволуционен круг. Тема на сите препораки се највисоките носители на извршна власт и МВР односно премиерот, министрите, ДКСК и полицијата, потенцира денеска Ана Павловска Данева, шеф на делегацијата на нашата држава во ГРЕКО. Додаде дека главна тема се корупцијата и интегритетот во највисоките носители на извршна власт.

Со оглед на тоа што имаше многу изјави околу работењето и неработењето на СЈО или на Јавното обвинителство, слободата и не слободата на медиумите или партизацијата или непартизацијата на администрацијата, како што рече таа, многу е важно да се истакне дека дел од тие теми се од четвртиот круг на ГРЕКО спроведен од 2013 до 2016 година. ГРЕКО, посочи, сега истражува состојби за корупција и интегритет во министерствата, посебно во МВР и во Кабинетот на премиерот.

Таа информира дека експертите од ГРЕКО кои биле во нашата држава од 1 до 5-ти октомври лани оствариле средби и во СЈО, но, како што рече, забелешките за тоа дека нема предмети за висока корупција од стрна на ЈО, се однесувале на состојбата од четвриот круг.

– Владата треба да донесе нов или да го измене постоечкиот етички кодекс за министри и за други избрани и именувани лица, во кој ќе бидат предвидени санкции за оние кои нема да го почитуваат. ГРЕКО бара да се ревидира или да се донесе нов етички кодекс и за полициски службеници. Се инсистира на обуки кои ќе ги спроведува ДКСК, како на министрите, така и на полициските службеници за тоа што значи етичко однесување, интегритет и како да се спречи конфликт на интереси, изјави Данева.

ГРЕКО бара да се воведат и професионални критериуми за избор и разрешување на директорот на Бирото за јавна безбедност, што значи меѓу другото дека Владата ќе мора да подготви и измени на Законот за полиција и на Законот за внатрешни работи.

Инаку, што се однесува до 50 – те советници на премиерот, ГРЕКО бара критериуми за конфликт на интереси односно со прашалници да се испита евентуалниот конфликт на интереси. И министрите, за нивните шест советници, од кои тројца од внатре и тројца надворешни, како и премиерот, мора јавно да објават кои се точно нивните работни задачи и колкава плата земаат.

Во однос на препораките за МВР, заклучено е дека внатршната контрола во МВР не е доволно одделена односно самостојна во однос на евентуално политичко влијание и влијание од страна на министерот. Од МВР во препораките се бара детално и прецизно да објавува колкав е буџетот, но и колку обуки се направени во однос на етичкото однесува почнувајќи од самиот министер, преку високите функционери и полициските службеници.

ГРЕКО препорачува и донесување Закон за лобирање и забележува дека во нашата држава нема регистрирани лобисти.

За исполнување на овие препораки, истакна Данева, ГРЕКО даде рок од 18 месеци односно до 30 септември следната година.

Треба да знаете
Последни објави