Синлаб: Медицинскиот отпад се селектира и одлага во Дрисла, ненамерниот пропуст ќе го подигне нивото на контрола

Сите процедури кои се спроведуваат во ПЗУ Дијагностичка лабораторија Синлаб Скопје, посебно складирањето и одлагањето медицински отпад се строго контролирани во сите лаборатории на Синлаб Групацијата. Синлаб Скопје е лабораторија којашто е една од основоположниците на приватната лабораториска дејност во земјава. Како лабораторија, единствена во Македонија, која е дел на меѓународна групација на лаборатории со седиште во Германија, имаме строги правила за работа што се постојано под контрола, како интерна, така и во рамките на Групацијата. Синлаб Скопје е воедно и прва лабораторија во Северна Македонија која е акредитирана според стандардот ИСО15189 за медицински лаборатории. Станува збор за меѓународен стандард за квалитет и компетентност којшто ги специфицира барањата на системот за управување со квалитет, особено на медицинските лаборатории.

Како лабораторија ги поддржуваме сите активности и мерки за заштита на човековата средина и во таа смисла ги исполнуваме сите законски барања за управување со отпад. Имаме договор со Дрисла за одложување на медицинскиот отпад во Скопје, односно со Еко клуб за одложување медицински отпад во Битола и Тетово. Медицинскиот отпад на ПЗУ Синлаб Скопје од страна на Дрисла се депонира во Дрисла, за што постои соодветна документација.

Во ПЗУ Синлаб постојат процедури за селекција и постапување со отпад согласно стандардите за квалитет, двајца биохемичари имаат поминато обука за управување со отпад и имаат соодветни сертификати, а назначен е управител за отпад и негов заменик. Истовремено и сите вработени имаат поминато обука за ракување со медицински, хемиски и комунален отпад.

ПЗУ Синлаб е под постојана контрола на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и во овие 18 години постоење на ПЗУ Синлаб не била утврдена никаква грешка ниту пропуст во работењето. Токму поради ова, последниот утврден наод на ДЗСИ за пропусти во селектирањето на отпадот сериозно ќе го земеме предвид во понатамошната работа и ќе преземеме мерки на надзор и уште поголема контрола за во иднина да нема вакви пропусти. Сакаме уште еднаш да напоменеме дека во утврдениот случај се работи за ненамерно и случајно фрлање неколку парчиња медицински отпад, наместо во отпадот наменет за Дрисла, во стандардниот отпад кој се одлага во контејнерите на Комунална хигиена. Дека ПЗУ Синлаб врши селекција на комунален и медицински отпад и прописно го обележува, пакува и одлага медицинскиот отпад утврди ДСЗИ во вонредниот инспекциски надзор направен на 24.06.2019 година.

Во секој случај, пријавата која ја испратиле граѓаните секако ќе има позитивно влијание врз ПЗУ Синлаб, за подигнување на нивото на контрола на отпадот. Но, веруваме дека ова ќе има влијание и пошироко во заедницата, кај сите здравствени установи во однос на прашањето и процедурите за тоа кој и како управува со медицинскиот отпад.

Групацијата Синлаб чиј дел е ПЗУ Синлаб Скопје, лидер во Европа во делот на медицински дијагностички услуги, со комплетна понуда на медицински лабораториски услуги за пациенти, лекари, клиники и фармацевтската индустрија. Лабораториските испитувања кои ги вршиме се со меѓународни сертификати за квалитет од INSTAND e.V., Германија и BIO-RAD, САД.

 

Треба да знаете
Последни објави