На Меѓувладина конференција Србија-ЕУ во Брисел, Србија денеска го отвори 9-то поглавје кое се однесува на финансиските услуги.
Српската министерка за евроинтеграција, Јадранка Јоксимовиќ по отворањето поглавјето и по потпишувањето на претпристапната помош ИПА 2018 во вредност од 179,1 милион евра оцени дека Србија не може да биде незадоволна од постигнатото.
„Не губиме чекор ниту здив во пристапниот процес. Не сите вести од регионот се сјајни кога се во прашање пристапниот процес и политиката на проширување. Мислам дека Србија не може да биде незадоволна“, порача Јоксимовиќ во Брисел, пренесе српската новинска агенција „Танјуг“.
Јоксимовиќ нагласи дека отворањето на ова поглавје ќе придонесе кон натамошно обезбедување на сигурен и ефикасен финансиски систем во земјата.
Србија во досегашните преговори со ЕУ има отворено 16 од 32 поглавја, од кои затворила две поглавја.