Сé уште е присутна потребата од поголеми човечки ресурси во Државното правобранителство, бидејќи се чувствува недостиг, а тоа е очигледно кога државниот правобранител не може да ги покрие сите застапувања во судовите, бидејќи е ангажиран во други постапки пред други судови.
Ова денеска го истакна Вера Коцо, поранешна судијка во Врховен суд и член на Управен одбор на Институтот за човекови права, презентирајќи го Вториот мониторинг извештај за работата на Државното правобранителство на РСМ, за периодот од јануари до јуни 2019 година.
– Од добиените информации од страна на Основниот граѓански суд имало 1.008 предмети заведени во тој суд по разни основи, од кои 366 се завршени. Најголем број предмети имало во работни спорови што се воделе за исплата на плати, надоместоци од плати, напредок во кариера… Од овие предмети најмногу имало против МВР – 704, Основното јавно обвинителство 72, КПД Идризово 65…, истакна Коцо.
Се забележува, како што посочи таа, и недоволната соработка со органите кои ги застапуваат, а тоа се гледа во ненавремено доставување податоци и документација, што било причина за одлагање на некои рочишта.
– Може да се забележи дека и активната улога на државниот правобранител во спогодбеното разрешување на споровите не е доволно изразена, особено во оние спорови што се однесуваат на надоместоци од плати, и слични надоместоци, истакна Коцо.
Таа ја посочи потребата од електронско водење на предметите, бидејќи, како што рече, во денешно време навистина е тешко да се следат предмети само преку уписник, туку е неопходно електронско следење да се знае кој предмет во која фаза се наоѓа, и полесно државниот правобранител може да ја запознае јавноста во однос на вршењето на нивната функција во застапувањето на предметите.
Во однос на транспарентноста, според неа, овој државен орган во извештајниот период, ја извршувал транспарентно својата работа, во однос на она што значи запознавање на јавноста, но не на задоволително ниво, бидејќи на Интернет страницата изостануваат нивни изјави, односно објавување соопштенија во однос на нивните позитивни или негативни мислења во одредени судски постапки.
Поранешната судијка истакна дека и во однос на предметите за експропријација, во овие постапки главниот проблем е надоместокот што се определува за експроприрано земјиште, а тоа е нискиот износ што се досудува бидејќи не се обезбедува оној износ што го гарантира и Уставот, а тоа е надоместокот да биде во висина на пазарната вредност на недвижноста.
Извештајот содржи информации од неколку битни сегменти кои спаѓаат во надлежност на Државното правобранителство: заштитата на имотните права и интереси на РСМ, особено во постапките за отуѓување на градежното земјиште, постапки за експропријација, денационализација (фокус на постапката во управен спор), мониторинг на судски постапки во кои Државното правобранителство се јавува како застапник по закон на РСМ и/или државните органи со посебен акцент на споровите од работен однос како и посебен осврт на институтот вонсудска спогодба.
Извештајот е изготвен во рамките на проектот „Заедно во борба против корупција” поддржан од Европската Унија и претставува прво надворешно следење на работата на овој орган од аспект на транспарентност, отчетност и ефективност.