Претседателот на Владата, Зоран Заев во попладневниот дел од собраниската дебата по предлогот за избор на членови на Владата, преку реплика најави ново покачување на минималната плата и раст и на другите плати.
„Просечните плати во нашата земја, на ниво на приватен сектор растат и продолжуваат да растат. 6.6 проценти се зголемени и ќе бидат дополнително зголемени заради тоа што работиме како Влада, со комплетен фокус за пораст на платите. Ќе се покачи уште еднаш минималната плата, којашто секако ја отвора спиралата на покачување на платите и тие ќе растат“, истакна премиерот.
Во однос на реконструкцијата на Владата, Заев рече дека таа се прави со цел видливите владини резултати, на половина од мандатот, да бидат уште поголеми, и во интерес на сите граѓани.