Иран ќе ги надмине лимитите на ниско збогатен ураниум утврдени со нуклеарниот договор во 2015 година, освен ако Британија, Франција и Германија не преземат практични чекори за зачувување на договорот, нагласи иранскиот амбасадор во ОН, Маџид Тахт Раванчи.
На седницата на Советот за безбедност на ОН, тој рече дека трите земји, како и САД, кои се повлекоа од договорот, ќе мора да ја прифатат целосната одговорност за сите можни последици, освен ако не преземат сериозни чекори.
Велика Британија, Франција, Германија и три други земји-членки на ЕУ силно го повикаа Иран да го почитува договорот и „да се воздржи од чекори што би можеле да доведат до ескалација”.
На 17 јуни, Техеран објави дека ќе ја премине границата од 300 килограми ниско збогатен ураниум и неодамна за четири пати ја зголеми својата продукција. Раванчи додаде дека „американската економска војна” практично предизвикала нуклеарниот договор да го почитува само една страна.